Инстититут за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Центар за кариера
  • Почетна
  • За нас
  • Практична настава
    • Соопштенија
    • Документи за практична настава
    • Од дневниците на практичната настава
    • Огласи за пракса
    • Конкурси за меѓународна размена
  • Саеми за кариера
    • Распоред на саемите за кариера
    • Што може да работи еден математичар?
    • Како да бидам успешен математичар?
    • Како да најдам работа?
    • Огласи за работа
  • Алумни на ИМ
    • Отворен повик
    • Листа со Алумни на ИМ
    • Изјави на Алумните на ИМ
    • Кариерите на нашите математичари
  • Контакт
Центар за кариера > Вести и соопштенија > Јазикот на математиката

Јазикот на математиката


Picture
И во оваа 2015 година, според резултатите од истражувањата на CareerCast, математичките професии (актуар, математичар, статистичар) повторно се на врвот на највисоко рангираните професии (види листа со најдобро рангирани професии во 2015 година). Рангирањето се врши врз база на повеќе критериуми, како примањата, изгледитe за вработување, стресот и слично. 

На што се должи зголемениот интерес за математичарите и математичките професии? Во времето во кое живееме, дојдовме до момент кога за понатамошниот напредок на секоја од науките, потребно е суштинското познавање на функционирањето на нештата, но и на нивното заемно дејство. И воопшто, за целокупниот напредок на човештвото, потребна е се' поголема интеракција меѓу науките, како на природните, така и на општествените. Токму сега станува јасна изреката на Галилео Галилеј: Големата книга на природата може да ја прочитаат само оние што го знаат јазикот на кој таа е напишана. А тој јазик е математиката.
Математиката е во основата на се' околу нас. Секоја појава може да се моделира со математички модел. Математичките модели не само што може да ги објаснат појавите, туку може и да ги напреднат веќе постоечките начини на решавање на проблемите, а и да помогнат при креирање на нови иновативни пристапи за нивно решавање (види http://phys.org/science-news/mathematics/).

Но, сите не може да станеме математичари. Зошто тогаш ни треба математиката? Одговорот е во математичките принципи на кои не учи математиката. Значењето на математиката во образованието пред се' е во развивањето на математичкото мислење. Постојат одреден број правила и врз основа на нивното познавање изведувате заклучоци, односно ги применувате во нови ситуации. Тоа го подобрува логичкото размислување кај децата. - дел од интервјуто на проф. д-р Ѓорѓи Маркоски (види го целосно објавениот текст во весникот Дневник).  

Покрај логичкото и критичното мислење, математиката не' учи и на животни вештини. Уште од најраните години, учениците учат да сметаат со пари. Подоцна ги изучуваат дропките и процентите. Според финансиските аналитичари, ова се основните вештини што треба секој човек да ги поседува за да се снајде во денешното општество. 
Picture
Континуираното изучување на математиката во текот на образованието наоѓа примена и во нематематичките професии. Математичките принципи и аналитичкиот начин на размислување помагаат при решавањето на проблемите со кои се соочуваат разните професии. Архитектите треба да знаат како правилно да ги пресметаат димензиите и потребните материјали при креирање на градбите и треба да имаат познавање од математичката анализа; биолозите ја проучуваат природата и однесувањето на живите организми, а при тоа користат веројатност и статистика ... (види http://www.mathguide.com/issues/whymath.html). 

Се вели дека кога детето ќе научи да чита, му се отвориле очите. Но, исто така може да кажеме и дека кога човек добро ќе ги осознае математиката и математичките принципи, ќе му се отвори умот, ќе стане посвесен за околината и нештата во неа, се' што било нејасно ќе му се разјасни и ќе знае како да делува. 

Автор:
Ирена Стојковска, Институт за математика, ПМФ-Скопје
Објавено на: 
30.04.2015

Copyright © 2015 Центар за кариера на ИМ
Powered by Create your own unique website with customizable templates.