Центар за кариера > Саеми за кариера > Како да најдам работа?
Како да најдам работа?
СЕДУМ ЧЕКОРИ ДО НАОЃАЊЕ НА СООДВЕТНА РАБОТА
За среќа, дури и во ова време, професии од областа на математиката и компјутерските науки спаѓаат во најбарани професии. Секогаш ќе има потреба од кандидати со соодветна обука, знаење и самодоверба за математика. Но самата таа потреба не претставува автоматска понуда за работа. Тајната во обезбедување на соодветна, добра прва работа е во самото пребарување и информирање. Не секогаш се вработува најквалификуваниот кандидат, туку кандидатот кој најдобро се информирал за работното место, и со тоа поседува соодветна стратегија.
За среќа, дури и во ова време, професии од областа на математиката и компјутерските науки спаѓаат во најбарани професии. Секогаш ќе има потреба од кандидати со соодветна обука, знаење и самодоверба за математика. Но самата таа потреба не претставува автоматска понуда за работа. Тајната во обезбедување на соодветна, добра прва работа е во самото пребарување и информирање. Не секогаш се вработува најквалификуваниот кандидат, туку кандидатот кој најдобро се информирал за работното место, и со тоа поседува соодветна стратегија.
- ЧЕКОР 1: ПОЗНАВАЈ СЕ СЕБЕСИ
Премногу студенти се залетуваат за некое работно место, прескокнувајќи го најбитниот дел: да се оценат себеси. Доколку го игнорирате овој чекор, продолжувате на сопствен ризик.
Американско истражување спроведено на 500 работодавци во врска со особините на апликантите за работа, прво на листата на слаби точки е токму незнаењето да се оценат себеси. Особено кај почетниците, самооценувањето ги охрабрува апликантите систематски да ги оценат своите интереси, можности, однесување и вредности.
Вложете време во размислување за тоа што најмногу ве исполнува да работите, во што уживате, во што сте најдобри, како би се чувствувале во одредени работни средини. Размислете што имате да понудите, и кои фактори ви се важни за да бидете задоволни со својата работа, не само како математичар, туку и како личност. Не само што ова само-истражување ќе ви помогне при барање на соодветна работа за вас, туку и ќе ве подготви за најнепријатните интервју-прашања, како што е „Кажете ми нешто за себе“, кое обично е прво на секое работно интервју.
Идентификувајте ги умешностите со кои сте се здобиле во текот на студирањето. Токму овде математичарите и компјутерските инженери имаат предност. Работодавците бараат работници кои знаат аналитички да размислуваат, и умешно решаваат проблеми. Математичарите знаат да манипулираат со броеви, како и да концептуализираат и теоризираат. Математиката како професија ве подготвила логички да размислувате и да обрнувате внимание на детали. Знаете да се справите со апстрактното и да ја применете теоријата во практични проблеми. Го знаете јазикот и на науката и на бизнисот. И покрај тоа што секој работодавец ги бара овие квалитети, тие сепак не се доволни.
Денешните работодавци бараат математички способни апликанти, кои воедно знаат добро да комуницираат вербално и писмено, добри се за дијалог и меѓусебна комуникација. Најуспешните кандидати докажале дека знаат да се справат со стресот, да работат тимски и да организираат проекти. Работодавците бараат кандидати кои сакаат перфекција во својот живот. Вложете време во оценување на вашите интереси и вредности, тоа ќе ви помогне да одлучите каде сакате да ги користите вашите вештини.
- ЧЕКОР 2: ПОСТАВЕТЕ СИ НЕКОЈА ЦЕЛ
Откако ќе ги воочите можностите кои ги поседувате, време е да продолжите со истражувањето и да си поставите некоја специфична цел. Дури и ако пазарот за вработување е релативно тесен, математичарите и компјутерските инженери имаат широка, скоро неограничена област на работни можности. Приватни бизниси, просвета и невладини организации - сите нудат можности за кандидати со силна математичка способност. Секогаш има слободни позиции во банкарство, маркетинг, програмирање, актуарски науки и истражувања.
Тајната е во тоа да ги истражите оние работни позиции кои ве привлекуваат и да се фокусирате на оние кои се совпаѓаат со тоа што научивте за себе во процесот на само-оценување. Претходно искуство здобиено со стажирање и пракса ќе ви помогне да го ограничите бројот на овие работни можности.
- ЧЕКОР 3: ПОДГОТВЕТЕ МОЌНО РЕЗИМЕ
Со оглед на тоа што работодавците може да дојбијат голем број резимеа за секоја работна позиција, и може да потрошат 30-тина секунди погледнувајќи го секое од нив, многу е важно вашето резиме да биде читко, брзо разбирливо, атрактивно и моќно.
Додека стандардните резимеа ве советуваат како јасно да го формулирате своето, има и некои совети кои може да бидат корисни за еден математичар. Доколку сте строго фокусирани на едно или две полиња за работа, напишете во кратки црти кои се позициите за кои мислите дека би биле соодветни. Нагласете го она што можете да му пружите на работодавецот, а не она што го сакате за себеси. Доколку сеуште се немате фокусирано на нешто такво, не вклучувајте нејасна цел во резимето. Како и да е, бидете сигурни да ја нагласите својата умешност за аналитичко размислување и решавање на проблеми.
Во одделот од резимето во кој ќе ги опишувате своите академски достигнувања, вклучете и дел со „важни обуки“ и излистајте ги предметите кои сте ги исслушале, и кои би биле релевантни за работната позиција. Вклучете и дел „компјутерско искуство“ и излистајте ги програмските јазици кои сте ги научиле на часови или самостојно. Вклучете го истражувањето за дипломската работа. При наведување на работните искуства, па дури и тоа да е стажирање, пракса или не-целовремена работа, вклучете го тоа што сте го научиле - не само тоа што сте го работеле. Спомнете ги сите свои професионални достигнувања. Користете квантитативни мерки при опишување на вашите способности, секаде каде тоа е можно. Запомнете дека треба да го убедите работодавецот дека вашето претходно искуство во образованието и праксата се совпаѓаат со условите кои ги бара работното место.
- ЧЕКОР 4: ВОСПОСТАВЕТЕ КОНТАКТИ
Имањето на контакти е многу важна тактика во процесот на барање соодветна работа.
Додека дел од студентите, својата кариера ја започнуваат на факултетот на кој завршиле, многу поголем дел од нив ја обезбедуваат својата прва работна позиција преку серија поврзаности со стручниот кадар од факултетот, Центарот за кариера на факултетот, роднини, фамилијарни познаници, пријатели, сограѓани, познаници, претходни стажирања / пракси или менаџери од претходни работни / волонтерски активности. Овие контакти може да ви помогнат при добивање информативни интервјуа, пристап до корисни совети за вашата кариера, поддршка во процесот на барање работа, па дури и да ви овозможат работни интервјуа!
Само запомнете дека овие контакти волонтерски ви помагаат, тие не се обврзани на тоа, ниту пак можете да се ослоните на нив како сигурен пат до работно место. Бидете спремни да одговотите на секакви прашања, имајте јасна цел за себе, бидете специфични кога барате совети, побарајте информации и имиња на други професионалци кои би можеле да ги контактирате преку вашите постоечки контакти. Постојано барајте нови контакти кои би ви биле од корист. И за крај, завршете ја соработката со порака за благодарност, и пријателски телефонски повици за да ги информирате за вашиот прогрес оние кои ви помогнале.
- ЧЕКОР 5: АПЛИЦИРАЈТЕ ЗА РАБОТНИ ПОЗИЦИИ
За да го започнето процесот на аплицирање, прво треба да ги соберете работните огласи од повеќе извори. Кај нас постојат повеќе интернет страници на кои се објавуваат огласи за вработување. Центарот за кариера на Институтот за математика, исто така објавува огласи за отворени работни позиции од интерес на математичарите. Иако огласите во весниците се ограничени, не игнорирајте ги. Посета на саеми за кариера е исто така од голема помош.
Составете пропратно писмо кое ќе го пратите заедно со вашето резиме при аплицирање за одбрана работна позиција. Во него напоменете ги податоците за себе со кои се истакнувате, а се во тесна врска со позицијата за која аплицирате, вашите интереси, и датуми кога сте слободни за интервју. Доколку не е напоменато поинаку, спомнете дека по праќање на апликацијата ќе ги исконтактирате работодавците со телефонски повик, со што истакнувате дека навистина сте заинтересирани за работното место, бидете вие тој „што ги држи конците во рака“.
Откако ќе ги пратите апликациите, систематски остварете ги телефонските повици за да се осигурате дека ја добиле вашата апликација. Целта на повикот треба да биде да покажете интерес кон работното место, да се информирате за времетраењето на избирачкиот процес и да ги дознаете потенцијалните датуми за интервју. Иако е добро да сте настојливи, внимавајте да не изгледате премногу захтевно и заморувачки.
- ЧЕКОР 6: ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА РАБОТНОТО ИНТЕРВЈУ!
Кога конечно ќе го добиете посакуваниот термин за интервју, треба да се подготвите за него. Организацијата или компанијата во која ќе одите на интервју нека биде ваша домашна работа; во спротивно, тоа ќе се забележи (недоволната информираност за работодавецот е втор фактор на листата слабости на кандидатите, според истражувањето спроведено на Northwestern University, Ilinois, USA). Употребете ја вашата стручна библиотека, јавната библиотека, пребарајте во индустриските речници, зборувајте со луѓе кои имаат исто занимање, читајте списанија и магазини за да го истражите работодавачот. Повторно, постојат повеќе водичи за интервју отколку што ви требаат, но најдете некој подобар и проверете ги вашите основни способности за интервју или посетувајте работилница доколку таква се нуди во вашиот Центар за кариера.
Предвидете ги прашањата, многу од нив се лесно предвидливи. Формулирајте ги можните одговори, вежбајте ги со пријател. Денес, тренд во интервјуата се „ситуационите“ прашања (прашања кои се однесуваат кон решавање на претпоставена ситуација). Искусните лица кои го спроведуваат интервјуто ќе побараат од вас примери за ситуации во кои вие сте ги употребиле вашите вештини. Од вас ќе биде побарано да опишете (проблематична) ситуација, активности кои сте ги презеле за да ја решите и да добиете резултати. Одберете примери од вашата академска работа, од семинарските работи, од проектните задачи или дипломската, од практичната настава. Имајте спремни описи на ситуации во кои вашите бројни вештини и способности за решавање проблеми биле ефективни, на пример, ако сте биле тутор на ученици, или пак сте учествувале на математички натпревари. Луѓето кои интервјуираат бараат самодоверба, ентузијазам, добри комуникациски вештини, кариерни амбиции и флексибилност. Бидете подготвени за проверка на вашата способност за тимска работа, вашите очекувања, упорност, вашата волја и способност за учење, како и желбата за вложување труд. Треба да го убедите оној кој го спроведува интервјуто дека она што вие го нудите соодветствува со она кое го бара работодавачот.
Имајте готови прашања кои ќе му ги поставите на оној кој го спроведува интервјуто, тие треба да го покажат вашето искрено интересирање за работодавачот и познавањето на неговите потреби. Поставете прашање за напредокот на компанијата, новите производи/технологии, колегијалната култура, стилот на менаџирање, кариерните можности и шансите за напредување, како и за програмите за усовршување. Ќе бидете оценети според квалитетот и содржината на прашањата кои ќе ги поставите, подеднакво како и според вашите одговори. Сочувајте ги прашањата кои се однесувааат на платата за второто интервју или за понатамошен разговор.
На крај, убедете го оној кој го спроведува интервјуто дека вие навистина го посакувате работното место, дека ќе бидете воодушевени од можноста да работите кај тој работодавач, како и дека ќе бидете во очекување за дополнителен разговор во врска со можноста за вработување. За ден - два, испратете му на интервјуерот писмо за благодарност, воедно потсетувајќи го на нешто специфично за вас или вашиот разговор, со што ќе му укажите на вашиот непрекинат интерес за работното место.
- ЧЕКОР 7: ОЦЕНЕТЕ ГИ ПОНУДИТЕ
Откако ќе ги добиете понудите за работа, оценете ги според тоа кои од нив се поврзуваат со вашите интереси, вештини, вредности и навики. Видете дали околината е поволна за работа. Утврдете ги можностите за професионално унапредување во позиција која би ви одговарала. Немојте да се чувате за совршеното работно место. Такво не постои! Бидејќи првата работа нема да трае засекогаш, размислете дали таа позиција ќе ви даде добра основа или пак, ќе претставува отскочна даска за вашата кариера. Кога ќе ја оценувате географската локација на работното место, запомнете дека вработените кои се отворени за преселувања во текот на нивната кариера се високо ценети и ќе имаат повеќе бенефит од географската стабилност во подоцнежните години од кариерата.
По добивањето на понудите за работа, ќе имате достап до целосната информација за работното место, што е многу повеќе од познавањето само на паричниот надомест. Комплетирајте ја вашата потрага по работа со учтива и доследна одговорност кон сите што ви помогнале. Искажете ја вашата благодарнсот за помошта и поддршката која сте ја добиле. Треба да останете во контакт со некои од вашите познаници. Штом ќе ја зацврстите вашата кариера, возвратете со прифаќање на други млади лица кои се во потрага по работа, како дел од вашите контакти.
Една Боинг реклама во магазинот College Placement Council Annual вели: „Можеш да одиш далеку колку што сакаш... тоа е прашање на дисциплина и знаење“. Како професионален математичар, вие сте во добра позиција. Вашата дисциплина и знаење ви овозможуваат вештини кои се бараат, вештини кои се преносни и флексибилни и претставуваат предизвик на пазарот на трудот. Можностите постојат, чекаат на вас. Започнете сериозна потрага по работа, работете систематски и потпрете се на самодовербата. Ќе бидете задоволни од резултатите.
Извор: http://www.maa.org/job-steps-0
Превод и обработка: Ивона Ѓероска и Гордана Николовска, Центар за кариера на Институтот за математика, ПМФ, Скопје
Објавено на: 30.10.2014
Copyright © 2015 Центар за кариера на ИМ