Љупка Стојчевска Малбашиќ
„Бидете упорни во своите цели, бидејќи само така ќе дојдете до успехот!“
Љупка Стојчевска Малбашиќ
|
|
- Кои се вашите работни задачи?
- Љупка Стојчевска Малбашиќ: Најголем дел од своето работно време го поминувам во ласерската оптична лабораторија, каде што ги изведувам и своите експерименти. Со помош на софицистирана ласерска опрема ги проучувам физичките својства на различни материјали. На пример, кај суперспроводниците ме интересира како електроните се релаксираат при различни температури и интензитети на ласерската светлина.
- Како и каде ја применувате математиката во тоа што го работите?
- Љупка Стојчевска Малбашиќ: Математичките алатки ги употребувам најмногу при обработка на експерименталните резултати. Со помош на најразлични сложени математички изрази се обидувам да ги пресметам измерените параметри и со тоа да изведам некои заклучоци од моите истражувања.
- Кои се вашите соработници?
- Љупка Стојчевска Малбашиќ: Членовите на одделот за комплексна материја се во најголем број по вокација експериментални физичари чија што специјализација е од делот на физиката на кондензирана материја. Покрај нив, нашиот тим го составуваат и хемичари и техничари.
- Колку работата како истражувач ве исполнува?
- Љупка Стојчевска Малбашиќ: Бескрајно сум среќна и се чувствувам исполнето што ја имам таа можност да работам како истражувач. Пред две години со помош на своите колеги откривме иновативен начин за запишување на податоци на материјал на база на дихалкогенид, кој што можеби во иднина ќе се користи во компјутерската индустрија.
- Што би им препорачале на студентите на ИМ?
- Љупка Стојчевска Малбашиќ Бидете упорни во своите цели, бидејќи само така ќе дојдете до успехот!
Интервјуираше: Ирена Стојковска, Центар за кариера на Институтот за Математика
Објавено: 27 ноември 2014
Copyright © 2015 Центар за кариера на ИМ